събота, 1 май 2010 г.

Младенов: ПЈРМ е засрамувачки акроним

makfax.com.mk - Младенов: ПЈРМ е засрамувачки акроним
Автор: Александар Чочевски
01 мај 2010, 09:59
Извор: Макфакс
Вашингтон

Мразам што морам да го користам и читам тој засрамувачки акроним. Македонија и Грција мора да постигнат компромис за името заради евро-атлантската иднина на земјата, вели шефот на бугарската дипломатија, Николај Младенов.

Во својот настап пред Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон, Младенов проблемот со името го нарече чуствително и комплексно прашање за кое мора да се изнајде решение.

„ Не би ги поврзувал директно грчката финансиска криза и прашањето за името. Тоа е билатерално прашање меѓу Македонија и Грција. Тоа не е прашање на кое луѓето не обрнуваат внимание, па да успееме лесно да постигнеме решение. Тоа е многу комплексно прашање, што е многу важно за Грците и Македонците. Тоа што често и им го велиме на нашите пријатели во Скопје и Атина е дека сме убедени дека мора да има компромис. Мора да се постигне компромис, што е прифатлив за двете страни, инаку можностите што Македонија ги има пред себе во однос на НАТО и ЕУ ќе бидат многу отежнати доколку нема компромис“, изјави Младенов, кој потенцира дека македонското претседателство со Комитетот на министри на Советот на Европа треба да се искористи за интензивирање на разговорите со Грција.

За него, засрамувачки е што една земја, две децении по падот на комунизмот мора да се означува со референа како ПЈРМ.

„Искрено, мразам што морам да продолжам да го користам и да го читам овој акроним, поради тоа што е засрамувачки. 20 години од крајот на комунизмот и години по крајот на распадот на Југославија, сеуште имаме една земја што го има зборот „Поранешна“ во своето име што многумина од нас мораме да го користиме“, вели шефот на бугарската дипломатија, кој нагласи дека Бугарија го признава и го користи уставното име – Република Македонија.

Најавувајќи ја својата посета на Скопје во првата половина на мај, Младенов најавува повторно покренување на прашањето за потпишување на договорот за доборсоседство меѓу Бугарија и Македонија.

„Има добра можност за потпишување за договорот за добрососедство ако двете страни, барем на една недела, престанеме да го читаме печатот и се фокусираме на вистинските работи со кои треба да се справиме. Ова го велам со голема разочараност, поради тоа што мислам дека македонско-бугарските односи се засенети со прашања што не ги покренуваат политичарите, туку медиумите. Ова не е добро. Она што треба да го направиме е да потсетиме на оваа иницијатива, и се надевам дека ќе го направам тоа со мојот пријател, Антонио Милошоски во Скопје, и да се придвижиме напред во создавањето рамка за нашите билатерални односи, која ќе го отсликува реалното мислење на луѓето. Бугарија во последните 20 години беше од помош и е добар пријател на Македонија“, вели Младенов.

Запрашан од страна на претседателот на Обединетата Македонска Дијаспора, Методија Колоски за положбата на македонското малцинство во Бугарија, Младенов со одговор – признаваме индивидуални, а не колективни права.

„Дозволете ми да бидам јасен, ние не признаваме малцинства во Бугарија. Нашиот правен систем е базиран на фактот дека луѓето имаат индивидуални човекови права и како индивидуи имаат право да се изразат себе си, да учат, да изучуваат јазици или да прават било што за да го изразат својот индивидуален идентитет. Ние имаме голема турска популација во Бугарија, што е целосно интегрирана во општеството, поради тоа што тие се бугарски граѓани. Нашиот правен систем не им дава посебни права поради тоа што се малцинство, но и поради тоа што тие како индивидуи уживаат човекови права. Мислам дека прашањето што често се покренува за македонско малцинство...ќе ми дозволите да бидам отворен...секој пат кога некој го покренува ова прашање, мислам дека сака да ни наштети на нашите односи. За мене, тоа не претставува проблем“, вели Младенов, кој бара главниот фокус во односите меѓу двете земји да не биде на историски прашања. /крај/ csis/ач