понеделник, 6 септември 2010 г.

Ознал:Турција и Македонија се најзначајни геостратешки земји во регионот

makfax.com.mk - Ознал:Турција и Македонија се најзначајни геостратешки земји во регионот

Скопје

Не криејќи го своето задоволство од земјата каде неговите родители долго време живееле, пензионираниот генерал на турското воено воздухопловство, Ердоган Ознал, во интервјуто за Макфакс со задоволство зборува за пријателството меѓу Македонија и Турција.

Неговите живееле во Дојран сè до Балканските војни по кои морале да си заминат. Дојден е во Македонија на покана на претседателот Ѓорѓе Иванов, меѓу другото и како автор на книгата „Македонија не е Грција“ напишана уште во 1993 година. Ние го начекавме за интервју на скопскиот аеродром, на заминување за Истанбул.

„Јас бев генерал со три ѕвезди и шеф за операции на турската армија кога ја напишав книгата. Исто така бев одговорен за националната воена историја на Турција. Некаде во 1993 година ме повикаа во Грција на конференција. Темата беше светската воена историја, конкретно тогаш се дискутираше за Балканските војни. Грците без престан повторуваа дека Македонија отсекогаш била грчка, дека нема македонски народ итн...Тоа ме збуни и иритира бидејќи јас отсекогаш сум знаел само за Македонија. Тогаш се решив да ја напишам книгата „Македонија не е Грција“, користејќи го архивот на Отоманската империја“, генералот најмногу сакаше да зборува за историјата, но нас повеќето нè интересираше денешницата.

Макфакс: Односите меѓу Македонија и Турција од сите аспекти се исклучително добри. Особено воените. Познато дека најголемиот дел од елитните единици на АРМ, Единиците за специјална намена ги обучуваат турските командоси. На што се должи ваквиот квалитет на соработка?

Ознал: Да тоа е точно. Турските специјални единици имаат огромно искуство, не само во борбата со курдските бунтовници, туку и на многу други места во Кавказот, Ирак и Авганистан...Квалитетот на односите со Македонија од воен аспект се должи на тоа што оваа земја отсекогаш имала клучна геостратегиска позиција на Балканот. Ќе ви го опишам тоа со времето на Отоманската империја. Градот Битола е познат како град на конзулите, но за време на империјата многу позначаен беше како база на најсилните и најопремените единици на аскерот. И не само тоа, туку Македонија беше логистички центар на целата Отоманска војска на Балканот. Македонија отсекогаш беше третирана како срцето на Отоманската империја, највредното парче земја. Нејзиното значење не е намалено ниту денес.

Макфакс: Но, што значи тоа за безбедноста на Турција. Дали турската армија гледа на Балканот како потенцијална безбедносна закана?

Ознал: Апсолутно не. Но, за десет, дваесет години можеби односите ќе се променат. Односот на силите не е константен.

Макфакс: Од воен аспект, има ли Македонија значење за Турција во евентуална нова турско – грчка војна за која се зборува?

Ознал: Прво, не верувам дека ќе дојде до нова турско – грчка војна. Тука се САД кои ги балансираат односите меѓу двете земји. Овде посебно значајно е тоа што Турција, заедно со Бразил, бидејќи се две земји со сличен економски и воен развој игра витална улога на Блискиот исток. Турција денес е клучна регионална сила која со своето делување го спречува евентуалниот напад на Израел врз Иран. Инвазија врз Иран е мошне опасна не само за Блискиот исток, туку и по безбедноста на целиот свет.

Макфакс:Во овој контекст, колку Македонија и Турција се геостратешки значајни?

Ознал: Видете, географијата на светот не изменета многу одамна. Оние правила што важеле во минатото важат и денес. Турција се наоѓа во центарот меѓу Евроазија, Блискиот исток и Африка. Оној што го контролира овој дел од светот – владее со светот. Мислам дека САД кои силно ја поддржуваат Турција во оваа насока се свесни за минатото. Отоманската империја како што знаете владееше со Блискиот исток скоро 400 години. И за сето тоа време таму имаше мир меѓу народите. Македонија како централна држава на Балканот игра важна улога во односот на силите. Ние отсекогаш сме ја сакале Македонија, не само поради заедничкото минато, туку земја полна со образовани и интелигентни луѓе. Не знам колку ви е познато, скоро целокупната интелегенција во време на Отоманската империја беше од балканските народи. Токму Турците беа најнеобразованиот народ во Отоманската империја. Турција секогаш максимално ќе ја поддржува Македонија, како најпријателска балканска земја.

Единствената книга на генералот Ознал е „Македонија не е Грција“. Ја напишал за само еден месец, откако во 1993 година им наредил на своите потчинети на прочепкаат по архивот на Отоманската империја што брои 150 милиони документи, плус уште 50 милиони документи воена историја на империјата. Книгата содржи доста работи за Македонија. Во очи ни падна пописот на населението во Македонија и Косово направен во 1904 година, каде стои дека по нарачка на генералниот инспекторат на Портата, Хусеин Хилми Паша направил попис на населението: Турци и исламизирани Арнаути (Албанци) 1.508 илјади; Македон (Македонци) 896.000; Јунци (Грци) 307.000; Срп (Срби) 100.000 и Румени (Власи) 99.000.

За жал генералот не можеше да ни каже дали имал увид и во документите од Букурешкиот мировен договор од август 1913 година. Го прашавме зошто Отоманската империја толку лесно ги изгубила Балканските војни.

„Отоманската империја ги изгуби Балканските војни бидејќи политиката беше длабоко навлезена во армијата. Кога политиката ќе се сплетка меѓу војската, тогаш нема војска“, вели Ознал. /крај/ Александар Божиновски